Бјанка

 

Ако треба да се избере една особина да ја опише Бјанка тоа е љубопитност, за спознавање на длабочините на умот, за како да се отиде уште еден чекор кон посвесна верзија од себе, за механизмите на природата.

Со јогата има кратка средба од неколку месеци уште во основно училиште, а од рана возраст се интересира и за личен развој и психологија. Како некаде длабоко да знаела што ќе следи, темата која ја сработила како проектна задача за завршување на средно образование била „Како медитацијата влијае на мозокт?“. Водена од идејата еден ден преку технологија и машинско учење да го истражува мозокот го завршува Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и почнува со работа како софтверски инженер.

Низ овие години, екологија и еко активизмот се активни теми во животот на Бјанка, а љубовта кон планинарењето и помага да се поврзе со природата и себе, особено во годините во кои била водач на група на извидници. Сепак, во 2020, во екот на корона вирусот, кога ни се ограничи движењето надвор, било неизбежно тоа медитативно искуство што го нуди движењето во природа, да го најде во себе. Така се враќа кон јогата, главно за да одржи позитивен однос со себе и своето тело со power јога.

Во 2023 се заљубува и во технологијата на кундалини јога. Таа сознава дека духовноста што ја нуди јогата е тајната состојка за трајни промени на личноста и поврзувањето со бесконечната љубов во себе. Со желба целосно да се нурне во водите на јогата одлучува да започне обука за јога учители предводена од страна на Неда Коцаре, за понатаму да може да помогне и на други да допрат до љубовта во себе. За Бјанка јогата уште повеќе станува истражување на себе, освестување на игрите на умот, помошник да се остане мирен и присутен во моментот во текот на целиот ден.

Бјанка држи часови по јога секој вторник и четврток од 20:15 до 21:30. Исто така, држи хата јога заедно со Билјана, секој вторник и четврток од 10 часот.