Денес

 

Денес.

Треба да отворам простор во срцево за солзите што надоаѓаат, луѓе ми ги нудат постојано, а и јас собирам не сакам да се наталожат. Треба рамењава да ги зацврстам, да држат глави потпрени, погледот да ми ја држи главата исправена.

Треба да кренам луѓе повисоко, да можам човек во раце да носам сигурно, дете и живот, ама и да се држам, ако паѓам. Грбов да ме држи исправена треба да го научам да се витка и поклонува. Да будам огнови во моето јадро, да нанесам благодарност во колковиве што ме држат цела подвижна, исправена. Ќе се отвораат и вадат живот од себе, сиот живот што го носам на овие нозе, везден, секој ден. Треба да нанесам внимание и сила во местата каде коска работи со коска, мускул со мускул, крв и кислород се разменуваат, од врвот на носот кога вдишувам до сите крајности на телото и моето битие кога издишувам.

Треба да вежбам јога.

Автор: Ивана Батев