За Наде, спортот е составен дел од нејзината кариера и од нејзиниот личен живот. Со спорт се занимава од 14 години, кога активно тренира ракомет, се до 2008 година. Потоа 2 години практикува мат пилатес, а следните 3 е инструктор по јога – пилатес часови. Во меѓувреме од 2011 до 2104 год. со велосипед ги поминува планинските предели низ Македонија, а во 2013 е првата девојка дел од македонската Tour De France експедиција со која успешно ги искачи највисоките превои на Француските Алпи.
Покрај овие напорни физички активности, потрагата по нешто повеќе од физичкото била од секогаш сеприсутна во нејзинот живот. Од 2004 година до денес постојано истражува и бара техники за спој на телото и умот, експериментирајќи со различни правци на јога, тибетанските ритуали, Thai Chi Chuan, и така натака. Во 2016 ја открива Ashtanga јогата која за нејзе отвора нови светови и совршено ги спојува двата аспекти – телото и умот, и до денес редовно ја практикува како лична пракса. За сите овие години, медитацијата е оска преку која ја “тренира” присутноста во сегашниот момент.
За Наде, Aштангата е систем кој го обединува сето она кое наназад го практикува, и во кој успеава да ги пронајде дисциплината на спортот, волјата да се поместат сопствените граници, убавината на физичкиот израз, фокусот кон поставената цел, и трансформација на енергијата преку телесни вежби.
Поради тоа се запишува на обуката за учители во Inside Yoga, со јасна потреба да го изучува детално овој систем. Улогата на учител и овозможува на непосреден начин да го пренесе знаењето и да го доближи мирот кај секој практикант преку уџаи дишењето, да им помогне на практикантите да најдат екстра простор во себе низ асаните, да се насмеат во текот на часот од внатре, да се гушнат во преклопите и да се предадат на моментот кога ќе легнат во shavasana, на истиот начин на кој си помага сама на себе и на кој и помагала и нејзината учителка.
Дисциплинирана, перцептивна и неизмерно внимателна, во рацете на Наде ќе почувствуате сигурност и слобода да ги надминете сопсветните граници и да запловите во нови и непознати територии.