Немаме резервна „куќа“ за нашата душа.

„Постои еден внатрешен глас кој не користи зборови. Слушај го.“
-Руми

 

Секогаш кога имам некоја дилема во главата, тежина или животен проблем, се осврнувам на спортот во природа. Редовното вежбање ми помага да размислувам, работам и спијам подобро, да имам изострени сетила и фокусиран ум. Ме научи на самоспознавање, почит, волја, трпение, дисциплина и посветеност. Да се биде фит бара напорна работа и не признава изговори, телото и духот во добра форма не можеш да го позајмиш, наследиш или украдеш од некого. И секогаш кога нешто ќе ме повреди, мојата внатрешна болка ја лечам со тренинг. Планината не поставува непотребни прашања. Таа те разбира.

Во текот на изминативе 8 години активен живот по планините, имам прочитано милион спортски текстови кои советуваат за оптималниот сооднос меѓу тренингот и одморот, за вложениот напор наспроти времето за релаксација, за важноста на слушањето на своето тело. Сепак, сама си склопив строга тренинг програма, со конечни цели и крајни рокови, која не трпи многу адаптации според обврските, моменталното чувство или расположението тој ден. И уживав во тоа, во секој момент од мојата војничка дисциплина. Мислев дека тоа што го знам како податок, или како совет од тренер, автоматски го применувам во својата пракса и нема тука што да се прави компромис. No pain no gain. Научив да уживам во воспалението на мускулите, во болката за време на качување, трчање угорници, бордање, на точак, па дури и на јога. Без воопшто страв од темната страна на „само уште едно повторување“.

За време на мојата обука за јога учител научив навистина премногу нови, преубави работи. Знаењето го впивав со истата страст која веќе ја имав кон спортот. Но, неслушањето на внатрешниот глас за кој зборува Руми, ми го атрофираше свесното одлучување за тоа кога треба да се даде максимум, а кога да се намали со интензитетот на јога праксата. А тоа е поентата, да се најде просторот помеѓу двете крајности.
Мојот тогашен начин на размислување секако дека се косеше со поентата на јогата, а во голема мера и со здравиот разум, затоа и почнав да се повредувам. Исчашен скочен зглоб, прст, тетива на ногата и ганглион на зглобот на дланката, цело тело почна да ми попушта под напорот. Телото одвнатре ми плачеше, а јас продолжував без милост. Желбата за константен напредок, чувството предизвикано од допаминскиот коктел во мојата глава после вежбање и силата која ја стекнав со истиот, наместо награда за вложениот труд и посветеност, ми станаа најголеми непријатели. Но, како е тоа можно? Па јас се правев по програма?!

Деновите за одмор, кога не трчав на Водно, ми беа резервирани за цела серија аштанга, за моите часови по power yoga (кој дошол знае :), на работа одев со точак (16 км на ден), а остатокот од времето со мојот двегодишен син што е во фаза на љубопитно истражување на светот со став на прав научник. Со еден збор – hyper.

Истата грешка ќе ја повторуваш пак и пак, се додека не ја извлечеш лекцијата. Џабе ми зборуваа оние кои добро ме знаат, требаше сама да се донесам до тоа да имам две повреди на различни делови од телото, што остава простор за вежбање само на Navasana без болка, за конечно да ја научам мојата лекција. Моменталната нескротлива желба за совршен jump through не е ништо повеќе освен тоа, моментална! А се што е моментално е минливо и неважно.
Јогата е доживотно патување, мнооогу бавен процес на постепено осознавање и комуникација со своето тело и душа. Доволно дисциплина за да станеш во мугри за да вежбаш, ама доволно почит кон своето тело за прво да се прашаш себеси: Како си? Колку можеш да дадеш? Уморно? Ок, 5 поздрави на сонцето се сосема доволни за денес. Важно е што си одвоила време за да се појавиш на матот, да има континуитет праксата. Секој ден ќе работиме на оние асани кои ги мразиш, милиметар по милиметар ќе ги отвораме зглобовите во текот на следните 3 години, а не 3 месеци!

Да се слуша сопственото тело во јогата значи да се реагира според чувството, да се вежба свесно и секое истегнување да се прави бавно и со внимание, да бидеме присутни во телото. Секогаш се стремиме кон стегнати банди, дишење синхронизирано со движењето и активација во мускулите, да бидат стегнати и загреани, додека и најмал притисок и остра болка во зглобовите е знак дека треба да намалиме. Секоја континуирана болка (која не е воспаление на мускул) после пракса или онаа која се повторува за време на секоја нова пракса значи време за пауза. Тоа не треба да се сфати буквално да прекинеш со физичка активност, но да научиш како да ги модифицираш асаните за да го добиеш истот бенефит, без притоа да се оптоварува болното место.
Не можам да опишам колку ми е мило што го поминав овој процес на гнев, без вежбање, приморана на медитација над сопственото его, бидејќи научив толку многу! Од мене зависи дали ќе брзам низ рушевините од повредите на телото или ќе гледам напред да го изградам од нула, овојпат многу подобро. Најважно од се, се стремам да бидам подобра од она што сум била вчера, но без споредба со другите. Секој ученик по јога има свој пат, кој е индивидуален, а споредбата не е само нерелевантна, туку создава непотребен притисок кој реално постои само во нашата глава.
Се додека се гледаме себеси и светот со повеќе љубов, во јогата сме на добар пат. Со разбирање дека секоја стресна животна ситуација остава белези на мојата свест и перцепција, сега имам многу повеќе емпатија кон сопственото круто тело, и иако сеуште имам моменти на лутина, сега сум свесна во моментот на лутина кога телото не се покорува на мојата желба за некоја тешка асана. И веднаш имам подлабоко разбирање за истата, што значи не форсирам, туку ја почитувам границата на моето тело за тој ден. Дури и најдобрите јогини имаат лоши денови, и тоа е ок. Нема грижа на совест. Бројот на винјаси со давање максимум напор, со скокови го намалив за половина. Сега правам скокови само на средината од праксата, кога телото ми е најзагреано, праната најраздвижена а фокусот целосно внатре во себе.

По еден месец принуден одмор и плачење на сред мајсор, конечно се враќам во игра. Овојпат без болка. Многу посреќна, бидејќи сега знам која привилегија е да се има здраво, силно тело. Колку е важно свесно да се сакаш себеси доволно за да одвоиш два саата на ден само за сопствен развој. Спиритуален, не само физички. Многу повеќе го ценам и напорот кој го вложувам во секоја асана, без разлика на исходот- до каде сум со отворањето на колкови или како изгледам од страна. Најмногу од се, поблагодарна што имам толку прекрасни луѓе околу мене: другари кои ме инспирираат во спортот, овојпат со свесно слушање на телото полека да ги поместувам своите граници, насмеаните лица на моите ученици после час, и сите 8 учителки во Inside yoga без чија поддршка никогаш немаше да бидам она што сум денес. Се надевам дека ќе научите од мојата грешка, без да ја почувствувате на себе. Дека ќе си го почитувате телото и со внимание ќе го слушате неговиот глас. На крајот, немаме резервна „куќа“ за нашата душа.

 

Автор: Ана Велкова