Јога Лектири

Книгата ни е прозорец кон осознавање на светот како во внатрешниот така и во надворешниот. Колку почесто го отвараме толку повеќе осознаваме, толку повеќе и се менуваме, чуствуваме, впиваме. Кога започнуваме да го изодуваме патот на јогата осознаваме дека се состои од многу повеќе од физичката пракса, но се започнува со тој еден чекор. Тој убав но и доста тежок чекор кој директно не носи кон соочување со самите себе. Стишувањето на надворешниот свет што не опкружува не прави сесни за гласноста на нашите мисли,а тие и те како знаат да бидат тешки. Но осознавајќи ги свесно можеме и да ги промениме! 

Еден дел, еден убав дел од целосниот пат е токму и книгата. Yoga is 99% practice 1% theory – Sri K, Pattabhi Jois. Иако е наменет како само еден мал процент, сепак е присутен и верувам дека искористувајќи го можеме да навлеземе многу подлабоко во сопствената пракса на секое тело од нас.


Најтопла моја препорака за отварањето на барем еден од овие прозорци се следниве книги:    Книгите од Кино Мак Грегор – Моќта на аштанга јогата 1 и 2 (The power of Ashtanga yoga I . The power of Ashtanga yoga II – Kino MacGregor). Првата книга на Кино е впрочем и првата книга која што ја имам прочитано за јога пред 6 години и на секого му ја препорачувам токму прво таа. Книга која што е погодна и за почетници и за долгогодишни практиканти и вљубеници на добро пишаниот збор. Прекрасно четиво низ кое е опфатен целосно методот на аштанга јогата како од традиционален аспект така и од лично искуство. Втората нејзина книга е подеднакво добро испишана со која е опфатена и втората серија на аштанга методот, и би ја препорачала за подолгогодишни практиканти. 

Слична таква книга е и книгата напишана од страна на Џон Скот (John Scott), која може да ви помогне во развивање на сила но и флексибилност во вашето тело, ум и дух. Книга испишана преку традиционалното броење на дишењето може директно да ве однесе во магијата на Индија. 

Истата сеопфатна длабочина ја достигнува и Грегор Маеле ( Gregor Maele)  преку својата книга -Аштанга јога- пракса и филозофија- Ashtanga yoga- practice and philosophy  , допирајќи до сите осум гранки на аштанга јогата. Книга која што со сигурност не се чита брзо и не се чита само еднаш. Книга на која одново и одново и јас самата се навратувам. Оваа книга ја содржи и филозофијата на која јогата се темели, а тоа се сутрите ( јогиски праисториски свети текстови) кои се автентично прикажани. Низ илустрации можеме да ги согледаме сите асани (физичките положби) кои се целовито објаснети и синхронизирани со дишењето како и додатни практични совети кои можат да ви помогнат во сопствената пракса.

Секако една од најважните и сеопфатни книги е книгата напишана од таткото на аштанга јога, Патаби Јоис ( SRI.K. Pattabhi Jois) – “Yoga Mala” за која Еди Стерн вели дека е како ѓердан навезен од асани кои се поврзани преку дишењето и преку кои се достигнува мир, здравје, благосостојба и евентуално и себепознавање.

Прекрасно четиво именувано и како библијата на модерната јога е и книгата напишана од  Б.К.С Ијенгар (B.K.S Iyengar) . Дел по дел се опишани огромен број на асани, начинот на нивното изведување преку правилното дишење како и бенефитите од нивното практикување. Убав дел е и посветен на техниките за дишење, со чија примена достигнуваме благосостојба на телото, умот и духот.

Една сосема поинаква книга ни е Автобиографијата на еден јогин (” Autobiography of a yogi”) напишана од Paramahansa Yogananda. Четиво сосема различно од сите наведени книги досега но со сопствена уникатност и убавина. Книга која допира до спиритуалноста, до магијата на посветеноста и вербата. Книга низ која е опишана една лична патека, лично согледување и доживување на овој свет. Книга чии реченици се прочитуваат неколку пати одеднаш за да се разбере смислата на пишаниот збор кој скоро при секое ново прочитување ни дава ново значење. 

Постои огромно богатство од книги кои можат да ни помогнат во изодување на јогискиот пат. Ова е само еден скромен мал дел кој што јас лично го имам прочитано и кој што ми има многу помогнато во осознавање на сопственото тело, соптвениот ум но и дух. Која книга и да ја одберете нема да погрешите.

Тина

Следните книги можете да ги најдете на линкот подолу: Yoga Mala, An Autobiography of a Yogi, Ashtanga Yoga Practice and Philosphy, and The Light on Yoga.

https://drive.google.com/drive/folders/1mDZXj96qlB8ocPd4QxMoC1oP2IhvZlam?usp=sharing