Кога си сам со праксата, можеш најмногу да научиш. Решив за почеток на годината, на првата полна месечина да го поздравам сонцето 108 пати. Можеби контраинтуитивно, да го поздравувам сонцето на полна месечина, ама сакав со некоја симболика да ја почнам годината. Ми годат ритуали, ме хранат.
Кога си во група, се создава енергија, движењата стануваат мантра, еден поздрав е една молитва, и кога ги акумулираме заедно добиваат моќ, си даваме енергија, си позајмуваме и движењето е напорно, ама со своја леснотија. Умот ти е воден од друг и нема каде да лута.
Открив во себе, дека сама, со движењето што често го опишувам како омилено, се соочувам со мисли што кажуваат многу.
На почеток си сигурен во себе, низ здивот движиш молитвена енергија, го создаваш тоа коло струја во тебе и почнуваш да чувствуваш намера, сигурност во своето место во светот. Скоро секоја јога пракса почнува со тие неколку поздрави на сонцето, умот знае за што служат, да не припремат и вклучат.
Не бев ни третина готова кога умот почна да ми се обраќа, да ме потсетува дека не сум битие од светлина со супермоќи да движи енергија, туку сум физичко, масивно тело со свои тежини и испиени ракии синоќа. Тука почнуваат преговорите. Кога си сам со својата пракса, не одговараш на никој. Тоа е вистина и за на јога час, ама си даваш одговорност пред други, пред себе треба да си ја спроведеш.
„Добро, не мора 108, не се ставив да се снимам, да ме има во живо на инстаграм“
Тука се соочив со сите тие работи што сакам да ги правам ама ги откажувам затоа што немам енергија во денот. Најчесто идеи, креативни работи, тоа што сакам да напишам, тоа што сакам да создадам. Никој не ме плаќа да ги правам, ги немам ни најавено да ги чека некој, и само се трупаат под тоа „не мора“
„Имам премногу јадено и пиено деновиве, не треба да го напнувам телово, ова можеби е грешка“ Во јога се стремиме да си го слушаме телото, ако некаде запнува да опуштиме свесно, ако струиме енергија да напнеме свесно, да го набљудуваме и слушаме. Ама не се бунеше моето тело тука, умот се буни. Денес не бев прејадена, дигестивните процеси ми беа готови, намерно го спремив телото за пракса. Можев да му дозволам да ме преплави со симптоми, тоа малото дете што не сака да оди во школо и вистински му се стегнуваат цревата во болка. Некои луѓе имаат цел живот хронични проблеми со стомакот без да видат дека тоа е умот под стрес.
На средина доаѓа една леснотија. Умот е задоволен од себе, се изненадил дури, егото надоаѓа, почнувам да мислам како ќе се фалам со моите постигнувања. Заборавам до кој поздрав сум. Во adho mukha svanasana го враќам умот на себе, пребројувам, знае умот дека ќе памтел 63то дишење, не е 64то ова.
Сега е прекасно да прекинам. Сум стигнала до тука. ама физичкото тело е уморно. Умот почнува да ме известува дека може да се повредам. Можеби тој притисок во зглобовите е премногу. Можеби е попаметно да прекинам. Почнува повторно ментална дискусија дали нешто „мора“. Си викам, ова е убав тренинг, но досаден, повторуваш исто пак и пак. Учи ли нешто телово?
За кого го правам ова? За да го напишам тука? Ако е ритуал, да се поклонам на некое божество? За телово да биде попривлечно? Затоа што така сум прочитала дека треба? На што се надевам? Овој ли е правиот начин или лутам како сите?
Одмарам во баласана и се центрирам, ги опуштам свесно рамењата. Нема да постигнам просветлување во оваа пракса, ама веќе сум свесна дека учам набљудувајќи. И полека, умот ми се смирува. Си дозволува последните поздрави да ги ужива со леснотија, напорни се, пот тече, и секои пет здива во кучето према долу се нова битка, ама умот почнува да си дозволува некои вистини.
Знаењето дека *сум* светлина. Имам моќ да движам во себе енергија. Моето битие е далеку поопширно од ова физичко тело. Учам многу повеќе од тоа да го успорам скокањето на нозете по простирката. Телото ми се опушта на последното спојување дланки пред срце и шавасаната настапува во умот пред да легнам и да го опуштам ова физичко битие да се стопи со земјата.
Има 108 Упанишади, и толку зрна на молитвена јогиска mala бројница, и секој поздрав на сонцето е молитва, а секој поздрав спрема близок е молитва за нивно добро и благосостојба. Ако барам причина, ќе си ја дадам, и нека биде таа поздрав.
Автор: Ивана Батев