Немој да вежбаш јога!

 

Може да те промени! Физички, може да ти го зацврсти телото на многу здрави начини. Колку и да избегнуваме ни го храни и умот со секакви чудни идеи и свежи концепти, како тоа дека среќата доаѓа одвнатре. Ќе ти покаже дека дејствијата и мислите во светот ти го оформуваат светот околу тебе. Страшно е!

Ќе те смири. Ќе ти го насочи умот да не реагира, туку да набљудува, и со тоа да ја реши секоја препрека пред себе трезвено. Се’ потешко ќе бегаш од своите одговорности и лоши навики!

Јога те тера да набљудуваш, да посветуваш внимание на здивот, а тоа е заразно и надвор од јога пракса, може во секојдневие да почнеш со внимание да се полниш со инспирација и да ја вадиш од себе фрустрацијата без да повредуваш некој.

Ќе ти бара да се храниш убаво. Телото низ вежби ќе примети дека некои храни му тежат и умот сам ќе сака се помалку да ги конзумира. Следно што ќе приметиш јадеш овошки и зеленчуци и те полнат радост, глупости.

Помалку друштвен стануваш, не ти се пие толку, не ти се усмрдува во кафани толку многу, нема да можеш да вежбаш јога и тоа ти станува фактор во животот.

И најстрашното, ако почнеш со хеланки после некое време ќе приметиш дека ти го окупирале плакарот.

Не потпаѓајте на фамата, не го слушајте новогодишниот порив да правите нешто добро за вас, не вежбајте јога, може да ве направи посреќни и позадоволни луѓе!

Автор: Ивана Батев