Дали сонуваш само кога спиеш?

Нова година, нови почетоци , нови,можеби и стари неостварени цели до сега…

Сега се повторно на прагот на нашиот пат, што ќе направиме со нив? – Тоа зависи од нас.

Дали повторно ќе ги затвориме очите и ќе се потрудиме да не го слушнеме силниот глас кој доаѓа најдлабоко од нашето битие, кој се труди секојдневно да ни укаже на тоа кои навистина сме?!

Дали ќе дозволиме да сонуваме само кога спиеме? 

Нека оваа година првобитната цел ни биде среќата, да го пронајдеме тоа што не исполнува, што прави да се смееме не само со усните туку и со очите, токму тие насмевки се и најубави. Да пронајдеме мир во душата со тоа што ќе научиме да ги сослушаме а потоа и да ги исполниме желбите на нашите срца. Да нурнеме длабоко во себе, спремни, стабилни и отворени да го пресретнеме она што се крие во длабочината од нашата душа!

На почеток од оваа година, не дозволувај натрупаните случувања да бидат дел од твоето секојдневие, од твојата сегашност. Иако воопшто не е пријатно, соогледувањето на тие црни делови од нас и соочувајќи се со нив е клучно за да ја одземеме нивната надмоќ над нас  и да го пронајдеме спокојството кое го бараме насекаде, а никаде не се наоѓа.

Да застанеме за момент и да се запрашаме, што е тоа што ме прави среќен/а?  И само слушај… најверојатно нема да слушнеш ништо  на почетокот, но сепак не се откажувај, прашувај постојано, одговорот може да дојде во најмалку очекуваниот момент. Пробувај нови нешта, запиши се на некоја работилница, отиди во природа, пешачи, пливај, цртај,фотографирај, пробај јога. Пронајди го тоа нешто кое те прави свој/а, тоа што ќе ти даде чувство како да се враќаш дома после напорен ден.

Јас прашувајќи, лутајќи насекаде, се изгубив за да се пронајдам себеси. Затоа, немој да се плашиш да заталкаш по нови непознати патишта, затоа што само така можеш да откриеш нешто ново што ќе те донесе поблиску до себе. А кога ќе почнеш да се приближуваш до гласот од твоето срце, тогаш  ќе разбереш дека се што си барал се криело во него цело време.

Најважна моја цел оваа година е да бидам среќна, а твојата?

Автор: Тина Караташева