Прочка

Да побараш простување содржи во себе чин на милост, грација. Означува свесност и доблест за сите начини на кои сме биле насилни спрема ближните, сите начини на кои сме биле насилни спрема себе. Неизбежно грешиме, некогаш со намера, некогаш со невнимание, ама нашите дела, нашите желби, рануваат и некогаш повредуваат.

Умот, за да се оправда пред себе како добар, ќе проба да ги рационализира нашите насилни дела, дека биле потребни, недоразбирање, дека не биле толку насилни, дека всушност секој би постапил така, и можеби еве ме повторно, гледај, ама овој пат не смее да те повреди моето дело туку да те научи лекција небаре сме учители на другите.

Бараме прочка за да не си дозволиме егото да го надвладее суштинското добро. Ако сум повредил, ми е жал, твојата болка е и моја болка, неизбежно.

Да дадеш прочка, милост и грација, те носи поблиску до вистинското себе и те двои од вештачкото општествено создадено себе. Значи да не дозволиш претходна повреда да ти го диктира однесувањето денес. Да не дозволиш чин од минатото да те повредува денес, само да те информира.

Ако простам, олеснувам на секој што ми згрешил да не прави штит врз своето дело, да не продолжи да трупа отпечатоци на насилство спрема други и крајно на себе само да го оправда својот чин спрема мене како ненасилен. И свесно се тргаме од тој круг на насилство заедно.

Кога простувам, ги пуштам сите отпечатоци запишани врз моето битие. Се простувам од секој момент за да не ми ги бои сите идни моменти. Одлучувам свесно да не дозволам во себе гнев, лутина, злоба, да се култивираат, да се хранат и да ми го градат карактерот.

Кога чувствуваме дека некој нѐ повредил, знаеме да ги трупаме тие чувства, да ги таложиме во нас додека не станат физичка болка, тензија во рамењата, стегнатост на вилицата. Кога се чувствуваме повредени, загрозени, симпатичниот нервен систем праќа хемии низ телото да нѐ заштитат, да нѐ спремат да се бориме или бегаме. Ама често таа закана не е моментална, туку живее во нашиот ум со тоа што чуваме гнев и лутина за некој. И тоа бесполезно вклучување на автономниот нервен систем нѐ изморува, ни охрабрува штетни навики, не трга подалеку од нашата суштина која е полна со љубов.

Практикувајќи активно ненасилство спрема други, ама уште поважно спрема себе, го тренираме нашиот систем да разликува вистинска опасност од фиктивна, и гневот кој остава отпечатоци на нашето физичко и суптилно тело учиме да го пуштаме и да не дозволиме да ни ги бои нашите идни постапки.

Тоа не означува тишина во лице на неправда, има општествени однесувања кои ги засегаат сите и треба да се поправат. Не е еден патот до правда, и некогаш треба да излезе од нас гласно. Но таа лутина не смее да е лична, и просторот за простување тука треба да биде и спрема себе, спрема сите начини на кои што сите ние учествуваме и ги култивираме тие неправди без да им се обратиме.

Yoga chitta vritti nirodha, сутрите на Патанџали ни кажуваат дека јога е смирување на флуктуацииите, брановите на умот, и само тогаш можеме да ја видиме реалноста каква што е, необоена од нашите чувства и мисли, концептите на мое и твое. Кога бранувањата на умот се смирени можеме јасно да го видиме сето и начините на кои сме неразделни од сето. Вистинска слобода во срцето е кога ништо не му тежи. Затоа, барам прочка, и ја давам безусловно.

Автор: Ивана Батев