Inside Yoga na D festival

Покрај Дојранско езеро, под големите раскошни јавори, на цврста патека и со мааалку трема почнавме да се собираме и местиме со простирки, пешкирчиња, изомати и љубопитност. „Тука ќе има јога?“ прашуваа луѓе кои веројатно прочитале во програмата, но и по некој случаен фестивалџија, некој ќе праша дали им треба јогамат, специјална опрема, па ќе истрча да земе пешкир за на плажа. Почнавме да се запознаваме, имиња да разменуваме, и брзо почна просторот да се полни. Тоа беше првото изненадување. Млади девојки, момчиња, со другарите, луѓе што очигледно вежбале претходно, постари луѓе, различни тела, шарени коси, пирсови и тетоважи какви што се очекуваат на фестивал, но и практични луѓе во удобна облека.  Неколку се пријавија дека им е прв пат, други ја споделија својата пракса. Воздухот беше свеж, сончев и полн љубопитност со убава отвореност.

Праксата беше динамична и практикантите беа послушни, присутни, во здивот и во себе. Секој таму од различна причина, на фестивалот и на јога, успевме телото да го движиме и однесеме некаде каде што можеби претходно не било. Полека си дадовме флексибилност во колковите и во умот. Исчистивме малку од наталоженото и најдовме нежност за срцето, начините на кои бие. Низ нас лесно течеа елементите, звукот на водата сеприсутен покрај тивката бука од фестивалот, земјата под нас цврста да не’ држи, оганот во нас го најдовме, и кон небото низ гранките го видовме рефлектиран во сонцето. А воздухот, низ здивот и низ ветерот, течеше и не’ исполнуваше. Поставивме намери за себе, за фестивалот, и за сето. И заедно, поврзани, важбавме јога. Се создаде енергија во тој мал круг од триесетина луѓе, се чувствуваше како вибрација, љубовта, сонцето во сите. Имаше насмевки, но и сериозна посветеност. Секој таму од различна причина, сите исти. Рефлексии.

Вториот ден една девојка веќе го поздравуваше сонцето покрај езеро кога пристигнавме, не ни знаела дека има јога во програмата. Остана на часот и се врати утредента. Неколку души доаѓаа секој ден, нив им се поклонуваме, за будноста и прекрасната енергија. Полни сме благодарност. За сите што дојдоа, за сите што не се осмелија (ве видов, ве чекам следната година), за сите што посакале. Се поклонуваме со радост и благодарност. Сонцето во нас го препознава сонцето во вас. Научивме многу од сите, се потсетивме на многу, знаеме сега подобро како треба утре и секој следен пат. Немавме брендинг, немавме спонзори, минимален беше разгласот, но луѓето дојдоа да вежбаат. Можеби е време за некој јога фестивал. Препознавме глад за праксата и не’ радува неизмерно.

Големи пофалби за фестивалот, организацијата и богатството на искуства што им го понуди на посетителите. Се заблагодаруваме на Горјана, жена ѕверка кралица мастермајнд, и уште од оваа година да ја резервираме и црквата за некоја водена медитација. Ќе ни треба озвучување, или можеби некој да ни свири 😉 Поставуваме намера се’ добро да се шири.

Автор: Ивана Батев

Фоготрафија: Наке Батев