Назад кон Себе

Одморите завршуваат. Летниот период на експанзија, на движење, на трансформација, на дозволување и дознавање, полека достигнува до својот максимум, и душата ни бара да се вратиме повторно дома. Ни бара повторно приземјување, собирање, асимилација на се што било и исфрлање на она што повеќе не ни треба. Во период на раст добро е да се излезе надвор од себе, надвор од своите навики, од своето секојдневие, да се пробаат нови работи, нови авантури, искуства. А сега, сега полека доаѓа периодот кога сакаме тие искуства да ги втемелиме во нашиот живот и полека тие нови сознанија да ги вкорениме во нашето секојдневие.

Поради тоа, сега е и вистинското време да се вратиме на нашите простирки, или пак можеби и за прв пат да стапнеме на нив. Прв пат да зачекориме кон себе. Да не се плашиме од тој чекор. Растот не е секогаш во ескпанзијата. Напротив, растот најчесто се случува токму во овие моменти, во моментот на контракција, на собирање, во моментот кога го одбиваме она што веќе не ни служи, кога ги спозаваме своите граници, кога се ослободуваме од потребата да сме се и сешто за секого.

Првиот чекор е навистина секогаш најтежок, но поради тоа и највозбудлив. Да си дозволиме се што излегло на виделина летово да слегне полека на нашиот мат. Да дозволиме со почетокот на новата сезона да стекнеме и една нова рутина. Да направиме простор за нови навики, поздрави навики за нас, навики што ни служат, навики што ни даваат ( а не одземаат), навики што не носат на едно ново место (а не назад на старото). Затоа што можеме, и покрај тој тивок глас во нас што не убедува во спротивното. Затоа што сме се она што се замислуваме да бидеме: целосни, големи, убави, вредни. Затоа што кога ќе почнеме да веруваме во себе, и промените ќе почнат да се материјализираат. Меѓутоа не без таа работа што ни следи. Не без да застанеме, да се видиме. Не без постојаност и верба.

Јогата токму и тоа ни го дава. Една дисциплниа и наука за да се приближиме до себе. Да се видиме, да се прифатиме, да се засакаме. Затоа драги јоги и јогини ( а тоа сме сите ние, и тие што никогаш не виделе мат, и тие што немаат поима што е јога), дојдете да застанеме заедно на простирки. Дојдете да го започнете тоа внатрешно патување. Најубавата авантура што ќе ја имате во овој живот. Ние сме тука за вас, да ви го дадеме просторот за вашиот пат. Но, патот е ваш, работата е ваша, сознаниата ваши. Со наша љубов и подршка кроз секој здив.

Секогаш тука за вас,

Неда