Ајде да зборуваме за она кое сонувавме и кое го остваривме изминатава година. Ајде да зборуваме за љубов и најпрекрасни дружби. Ајде да зборуваме за исполнети соништа, за научени лекции, за се’ она што не донесе тука, позрели, похрабри и посамоуверени. Бидејќи каде и да сме, тие сме. Со сите искуства кои не потсетуваат дека и во добро и во лошо се имаме себе. Ајде да зборуваме за убавите работи кои ги избравме со срце, кои ни потврдија колку многу можеме. За моментите кога одлучивме да ги прегрнеме своите слабости и да се нурнеме во сопствените длабочини. Да отвориме крилја. Да полетаме.

Помалку од една недела до новата година и се’ што не движи е возбудата околу тоа што следно не чека. Не чекаат уште многу нови работи, тоа сигурно. Но ајде сега за момент да подзастанеме и да ги затвориме очите. Да го свртиме фокусот навнатре и да започнеме да дишеме. Сакаме да измедитираме на се’ она што ни го покажа патот до нас. Да се потсетиме на солзите и да се насмевнеме. Да пуштиме. Тие биле тука да не исчистат и да ни покажат колку сме храбри. Да се потсетиме на моментите кога одлучивме да не премолчуваме. Тие биле тука да ни покажат дека тоа што чувствуваме значи, да ја зборуваме вистината. Да се потсетиме на моментите кога подзаборавивме на себе, мислејќи дека само така сме целосно тука за други. Тие биле тука да ни покажат колкава храброст е да се вратиш повторно дома. Да се потсетиме на моментите кога заборавивме да се слушаме, мислејќи дека шумот е нашата фреквенција. Тие биле тука да ни ја покажат музиката на нашето срце. Ајде да бидеме присутни. Во ова во што сме сега. Благодарни за се’ што ни се поклонило. Благодарни за се’ она што ќе дојде. Да пуштиме, да примиме, да пуштиме.

Среќна сум за една прекрасна година, исполнета со многу јога, многу нови учења, нови пријателства, срца кои чукаат во линија на моето. Среќна сум и за сите моменти во кои се двоумев, зашто храброста беше посилна и тоа ме направи поодлучна за тоа што го сакам. Нема поубаво чувство од тоа да се опкружиш со се’ она што те исполнува. Благодарна до небо сум за тоа.

И ајде да земеме длабоко здив и да влеземе во новата година со доверба дека работите се случуваат за да ни служат. Да отвориме ум и срце. Да не забораваме да дишеме во процесот, да бидеме скромни и да гледаме на животот како на едно големо чудо. Ти си тука.

А сега… отвори очи и рашири крилја!

Намасте.