Сончоглед – македонскиот индиски орев

Сончоглед, омилената занимација на утакмици, или на клупа во парк со друштво, или на здодевно предавање на факултет, или на воздбудлив филм, или, или… Намирница која е поврзана со нашето поднебје, но е срамежливо подзаборавена. По правило сакаме да сме фенси и да ја фураме модата, како во изгледот, така и во исхраната. Наш неоправдано заборавен, но пребогат извор на нутриенти .. е токму сончогледот. Тој со својот преубав, голем и енергичен цвет дава светлина на секое поле и е верен пратител на сонцето.

Сончогледово семе, иако по големина е мало, е пребогат извор на витамини, минерали и есенцијални масла. Најзначајно да се спомене дека тука своето место го најдоа витаминот Е и витаминот Б1 (тиамин), а од минералите магнезиум, бакар, фосфор и селен. Сончогледово семе, како и сите семиња, е здрав извор на есенцијални масни киселини, а во овој случај тоа е линолеинската киселина или омега-6. Храната со здрав извор на масти, кои се главни градивни блокови во клеточната мембрана на сите клетки во нашето тело, придонесува да имаме стабилна и здрава телесна тежина, но има бенефити и по здравјето.

Најважните здравствени бенефити на сончогледовото семе се:

  • го намалува ризикот од срцеви заболувања:

во тоа му помагаат двата нутриенти, витаминот Е и фолатите. 50 г сончогледово семе содржи преку 60% од потребната дневна количина на витаминот Е. Главната негова антиоксидативна улога е да ги неутрализира слободните радикали, а со тоа да го намали ризикот од кардиоваскуларните заболувања. Од другата страна, фолатите го метаболизираат хомоцистеинот (индикаторот на кардиоваскуларните проблеми) во метионин (есенцијална аминокиселина);

  • фитостероли и одржување на нивото на холестерол:

големото присуство на фитостероли, кои имаат слични физички својства на холестеролот, го потпомагаат балансирањето на холестеролот;

  • одличен извор на магнезиум:

50 г сончогледово семе содржи преку 25% од потребната дневна количина на магнезиумот. Тој се декларира како заштитник на мозокот, срцето и мускулите, а помага и при респираторните функции и го намалува ПМС-от. Неговата дефициенција се одразува врз кардиоваскуларниот и нервниот систем, но и на имунитетот.

  • Селен – моќен антиоксидант и чувар на тироидната жлезда:

Селенот ја има главната улога во метаболизмот на тиреоидните хормони. Неговата антиоксидативна улога му помага да телото да ги намали отоците и црвенилото.

  • Стимулира убаво расположение:

Покрај сите наведени здравствени придобивки, ова улога му доаѓа како награда… <3

Во времето на пости, но и за оние кои што конзумираат храна која не е од животинско потекло, сакам да споделам еден рецепт за мајонез од сончоглед (добиен од мојата кулинарска инспирација Снешка). Супер ќе се најде за традиционалната руска салата на новогодишната трпеза. Би сакала да ги споделите Вашите впечатоци во коментарот подолу.

Мајонез од Сончоглед:

  • 200г сончоглед
  • 200мл масло по избор
  • 1/3 чаша сок од лимон
  • 3 до 4 чешнички лукче
  • 1 голема лажица сенф
  • 1 мала лажичка сол
  • зачини: кари, сафран, бибер

Сончогледот се кисне 5 часа. Се цеди и се става во блендер. Се додаваат сите состојки и убаво се миска. Дотерајте го по вкус со кари и сафран. И искористете го за сите предновогодишни салати 🙂

Убав апетит!

 

Автор: Слаѓана Јарчевски Лазаровска